Обработени се 519.354 објави од 11.721 уникатни корисници (бројот на корисници се зголемува од почетниот број бидејќи ги преземаме и нивните ретвити, цитати и одговори на објавите). Објавите подлежат најпрвин на основно пречистување на текстот (исфрлање на линкови, емотикони, хаштагови и слично), а потоа преку употреба на машинско учење и процесирање на природни јазици, ги бараме скриените (латентни) теми на секоја објава.
Демијан Хаџи-Ангелковски, Research Fellow
Андреја Стојковски, Senior Researcher-Analyst
Вовед
Оваа анализа претставува дел од Опсерваторијата на влијанието и имиџот на државите, каде што статистичката анализа на објавите и споменувањето на државите од интерес за Опсерваторијата ги претставува индикаторите во рамките на променливата „Социјални медиуми“. Во документот се зборува за македонската твитер сфера и содржи квантитативна и основна квалитативна анализа на јавниот дискурс во македонскиот дигитален пејзаж. За потребите на анализата преземени се објавите од корисниците со најголем дофат, број на следачи и т-индекс во македонската твитер сфера. Тоа се без малку 300 корисници, а се анализираат нивните објави во текот на целата 2022 година. Изборот на овие корисници е направен поради тоа што имаат најголем досег на нивните објави и претставуваат креатори на јавниот дискурс во македонскиот дигитален пејзаж.
Во анализата се обработени 519.354 објави од 11.721 уникатни корисници (бројот на корисници се зголемува од почетниот број бидејќи ги преземаме и нивните ретвити, цитати и одговори на објавите). Објавите подлежат најпрвин на основно пречистување на текстот (исфрлање на линкови, емотикони, хаштагови и слично), а потоа преку употреба на машинско учење и процесирање на природни јазици, ги бараме скриените (латентни) теми* на секоја објава.
Твитер не е… Само политика
Од вкупниот број на 52 теми кои ги идентификувавме за 2022 година, од интерес за нашата анализа се 11 теми. Сите објави од овие 11 теми, или поточно 40.399 објави, беа подложени на длабинска анализа. Овие 11 теми или 40.399 твитови, всушност се политички, активистички твитови и претставуваат без малку 8% од вкупниот обем на дигитални разговори на Твитер.
Сумарно претставени, темите од интерес се:
- Критика на македонски политичари (15.063 објави);
- Украина, Русија, Путин (7.051 објави);
- Македонски национални чувства (4.312 објави);
- Град Скопје (2.447 објави);
- Здравствен систем (2.236 објави);
- Влада, Премиер, министри во Владата на Северна Македонија (2.180 објави);
- Бугарија, бугарско, бугарски, бугарска, Бугари (1.901 објави);
- Србија, српско, српски, српска, Срби, Југославија (1.601 објави);
- КОВДИ-19, вакцини и вакцинација (1.481 објави);
- Бензин, дизел, скапо гориво (1.091 објави); и
- Енергетска криза, цената на струјата (1.036 објави).
Статистички шум од објави
Основната анализа на секоја од 11 теми од интерес покажува дека во топ 10 корисници со највеќе објави на секоја поединечна тема се појавуваат истите пет профили. Притоа, овие профили се одговорни за 15% од вкупниот број на објави на сите следени теми, меѓутоа во просек немаат повеќе од 2 – 10 лајкови по објава, односно не повеќе од 1 ретвит. Во споредба со вкупниот број на лајкови и ретвити што се случиле во македонската твитер сфера, тие придонесуваат само со 0,35%.
Со други зборови, во статистиката на објавени твитови, но и интеракцијата помеѓу различните профили, овие твитерџии претставуваат статистички шум. Сепак, она што мора да се има предвид е дека не секогаш се важни интеракциите помеѓу различните корисници на поединечна објава. Понекогаш, бројот на објави придонесува за зачестено појавување на хронолошката листа и честопати, за препорака од страна на Твитер за следење на профили или теми. Дополнително, ако се има предвид фактот дека овие петмина корисници придонесуваат за толкав дел од вкупниот број твитови, тогаш повеќе од јасно е дека нивната цел или задача не е да го пораснат своето лично влијание или опфат во твитер сферата, туку да го промовираат „својот“ став и да ги отвораат, наметнуваат или одржуваат во живот темите кои се наоѓаат во „нивни“ интерес.
Оваа анализа ги вклучува само податоците кои се достапни од Твитер платформата. Истата, не го вклучува влијанието кое различните твитерџии и нивните поединечни објави, го имаат со појавувањето на информативниот агрегатор Time.mk, како и новиот алгоритам и групирањето на твитерџиите од македонската сфера што го направи сопственикот на агрегаторот. Она што треба да се има предвид е фактот дека појавувањето во „најпопуларните“ објави во последните 2, односно последните 6 часа на агрегаторот Time.mk ги пласира овие објави и кај други, кои не се корисници на мрежата и со тоа придонесува за претставување на овие ставови/објави. Агрегаторот има милионски прегледи и посети во текот на еден месец, а со тоа и сите објави кои се појавуваат на првата страна, вклучувајќи ги и „најпопуларните“ објави добиваат повеќе прегледи/читања без тоа да го бележи Твитер платформата.
Големите теми низ национална призма
Доколку се разгледа активноста на темите по денови во текот на целата година, гледаме 3 многу јасни пикови на активност, кои корелираат со почетокот на војната во Украина, протестите против т.н. „Француски предлог“ и носењето на Буџетот за 2023 година и зголемените повици на меѓународната заедница за решавање на проблемот со корупцијата во државата. Од друга страна, вакцинацијата и Ковид19 е тема активна само на почетокот на 2022 година, во текот на јануари, а со почетокот на руската инвазија на Украина речиси и да исчезнува.
Македонските твитерџии највеќе објавуваат за руската инвазија на Украина, пред самиот почеток на истата и во првите недели од војната. Главниот дел од споделените објави на оваа тема доаѓаат од оние пет профили кои веќе ги споменавме. Забележително е дека тие имаат изразено проруски ставови, активни се во периодот пред инвазијата следејќи го општиот наратив кој исцртува линија на конфликт помеѓу НАТО и Русија, секогаш оправдувајќи или величејќи ја втората страна, а продолжуваат со оправдување на инвазијата како ослободување на „руските територии“. Оваа тема продолжува да се одржува во текот на целата година, се разбира во подолги периоди со минимален број на објави, а во периодот септември и октомври повторно се враќа, иако не со толку силен интензитет.
Забележлива е разликата помеѓу објавите пред и после почетокот на инвазијата. Во неделите пред самата инвазија, посочените профили шират стандарден проруски наратив. Додека, по почетокот на инвазијата темата ја прошируваат со веќе јасни антизападни, антиНАТО и антиукраински објави. За волја на вистината, во овој период се јавуваат и објави кои ја осудуваат инвазијата, изразуваат ставови против рускиот претседател Путин, а ја поддржуваат Украина во сопствената одбрана. Овие објави се следени со значително проширување на групата на профили кои имаат остра проруска реторика.
Намалувањето на интензитетот на темата за руската инвазија отвора простор за нови теми, во овој случај јасно поврзани, насочени кон домашната политика или политики. На пример, токму во текот на март, за прв пат во 2022 година се јавува темата за цената на бензинот и дизелот .
Објавувањето на резултатите од пописот во 2021 година, ја отвора или во случајов, обновува и зајакнува темата за Македонија и македонците, кој потоа тлее, се до почетокот на протестите против т.н. „француски предлог“. За време на протестите, јасно се глед засилување на темата за Бугарија, односно против отворање на бугарските клубови во Северна Македонија и онаа генерална антибугарска нишка, која интензивно се промовира од една многу мала група на корисници. Конечно, во текот на целата 2022 година, една тема е константна и речиси со постојан интензитет на објави, Србија и српскиот народ, а видлив е јасен просрпски, позитивен, наратив.
Три заеднички одредници
Целата анализа утврдува три заеднички точки:
- Личностите или профилите кои објавуваат;
- Секвенцирањето на темите на кои се пласираат објави;
- Интензитетот со кој се пласираат објавите,
од кои може да се извлече заклучок дека постои координиран или подготвен пристап кон македонскиот дигитален пејзаж во кој сите теми се прописно секвенцирани и прилагодени за напад и разнишување на довербата во функционирањето на институциите и правилноста на политиките кои се развиваат. Тука особено нашите определби за членството во НАТО и зачленувањето во Европската Унија. Притоа, координацијата се огледа во делот на учесниците и нивните објави, квантитативно, но и квалитативно, додека планираниот или подготвениот пристап се огледа во фактот дека сите теми од интерес се поврзуваат, се следат и имаат сличен наратив. Ако го анализираме ефектот на интензитетот со кој се пласираат објавите, тогаш тој, за среќа, не предизвикува или не придонесува за промена на политиките кои нашата држава ги води, меѓутоа, како што веќе беше посочено погоре, целта или задачата е ефективно да се насочи јавното мислење и јавниот дискурс.
*За ембедирање на текст се користи SentenceTransformer со предтрениран модел „all-mpnet-base-v2“, додека пак за кластерирање се користи BERTopic.