Најчестата грешка која маркетинг лицата ја прават во Македонија е градење на маркетинг кампањи инспирирани од Америка.
Американскиот и македонскиот пазар се исклучително различни во своите основни компоненти. Настрана очигледната разлика во развиеноста на економиите, има друга помалку позната разлика која ретко ја забележуваме. Станува збор за тоа што народски го нарекуваме „менталитет“ – степенот на култура која ја имаат купувачите на пазарот.
Каде грешиме?
1) Недоволно ја познаваме публиката
Секоја добра маркетинг стратегија мора да започне со анализа на пазарот и однесувањето на купувачите. Проблемот доаѓа кога ќе сфатиме дека ова бара големи ресурси за да се изработи добро (анкети, фокус групи…), а достапноста до готови истражувања е ретка или со застарени податоци.
Најдобрите маркетинг лица се оние кои ќе потрошат време да го разберат однесувањето на просечниот купувач. Не можеме да влијаеме на нечие однесување, ако не знаеме што го движи неговото размислување.
Потребно е да се анализира и каде се наоѓаат нашите купувачи. Барем кога зборуваме за дигитален маркетинг, податоците се многу лесно достапни. Возрасните македонци се доминантно на Фејсбук, младите се на Инстаграм, а тинејџерите се затворени во групни пораки и консумираат содржина единствено на Instagram Stories. Кај тинејџерите полека се појавува трендот на преминување кон платформата Тик Ток, но уште е рано за сериозно да се разгледува како опција во маркетинг стратегии.
Твитер е мрежа со релативно мал број на корисници, но тие што се активни се високо лојални на платформата. Повеќето се политички активни, што е и главната причина зошто многу бизниси денес ја игнорираат платформата.
Никој не чита веќе билборди. Никој не гледа реклами на ТВ. Време е за дигитализација.
2) Буквално копирање на слогани и пораки
Да бидеме фер, ние не го измисливме модерниот маркетинг. Во ред е да се инспирираме од реклами со шест-цифрен буџет од маркетинг агенции со седишта во Њу Јорк. Но, не мора буквално да ги преведеме нивните слоганите од збор до збор. Има разлика меѓу инспирирање и крадење. Ги разбирам колегите од маркетинг секторите на големите фирми, каде бренд-водичите и графичките стандарди се по 1.000 страници. Знам дека не смеете да отстапувате ни милиметар, ама купувачите не ви се поврзуваат со буквално преведените слогани. Македонскиот, англискиот и германскиот јазик не играат добро заедно. Еден германски збор може да биде цела реченица на македонски. Борете се за слогани кои функционираат за нашата публика.
3) Англиска конструкција на реченици за македонски кампањи
Најчестата грешка на маркетинг лица од миленијалската генерација. Постојано сме изложени на англиски јазик. Учиме од книги и видеа на англиски јазик, комуницираме со клиенти и претпоставени на англиски јазик и двата јазика ни се мешаат во главите.
Се жалиме дека нема доволно македонски зборови, користиме интернационализми, не пазиме на правопис и правилна конструкција на реченици. За жал, слабо го познаваме нашиот јазикот и лично сметам дека е нешто на што мора веднаш да почнеме да работиме. Купувачите се секојдневно изложени на нашите текстови и реклами и потсвесно ги учиме на лоши конструкции и на грешни зборови, што допринесува да го менуваме кон полошо нашиот јазик и култура.
4) Користење на маркетинг тактики и светски трендови за кои нашиот пазар не е спремен
Инфлуенсер маркетинг, блек фрајдеј, халоувин, напредни видови на контент маркетинг… за жал, колку и да напредна нашата креативност, пазарот е тој што е. Никогаш нема да имаме шопинг треската како во Америка за црниот петок, бидејќи попустите никогаш нема да бидат истите. Колку и да се обидуваме да влееме американска култура во земјава, никогаш нема да биде исто како кога ги користиме нашите културолошки феномени. Види пример. Не велам дека нема да зголемите видливост на брендот преку користење на домашни инфлуенсери, ама нема во скоро време да продавате колку што продаваат Ким и Канје. Имаме уште многу „фурни леб за јадење“ додека да стигнеме до овие трендови… или пак можеби треба да пробаме да градиме наши.