fbpx

5 начини како да пишуваш подобро на социјалните мрежи

Пишувањето на убедливи текстови знае да биде навистина тешко, но не мора да биде. Еве 5 начини како да пишувате подобро.
18 ноември, 2019

Уметноста на пишувањето текстови кои убедуваат некого да направи нешто, се нарекува копирајт (copywriting / copy). Копирајтот е стара уметност која е еден од главните предиспозиции на секој што сака успешно да се бави со маркетинг. Овој вид текстови се наоѓаат насекаде околу нас: текстови на билборди, слогани на реклами, текст на веб-страница и се разбира објави на социјални мрежи.

Пишувањето на убедливи текстови знае да биде навистина тешко, знаејќи колкав е обемот на содржина која се произведува на дневно ниво. Во светот денеска ќе се објават повеќе од 300 милиони објави само на Фејсбук. За да се издвоите од просекот навистина е потребно да сте вешти со зборовите кои ги користите во објавите на социјалните мрежи.

Како да станам Копирајт нинџа?

Научи ја својата публика.

Многу е лесно да преведуваме содржина од амерички реклами. За жал, многу малку македонци реагираат позитивно на таквиот тип содржина. Едноставно двете култури се премногу различни и не го опфаќаат нашето уникатно домашно секојдневие. Инспирација за пишување содржина можете да најдете на многу места околу вас.

Почнете од фрази кои често се користат во македонскиот јазик, па сѐ до популарни сленг фрази. Со овие вторите внимавајте, бидејќи ако не знаете што точно значат или како правилно се користат, повеќе ќе ви се смеат отколку да купат нешто од вас. Започнете со добра анализа кои се вашите читатели / купувачи, од кои македонски градови најчесто ве посетуваат и анализирајте ги нивните интереси.

Понекогаш многу е подобро да дадете коментар за тековни случувања (на пример: спортски или културни настани), отколку да објавувате само редовна и досадна содржина. Памти: правата порака во правото време.

Биди краток и јасен.

Оптималната должина на објава на социјалните мрежи е 80 карактери.

Не продавај во секоја објава.

Македонските интернет корисници, иако не се се уште толку навикнати на бизниси на социјалните мрежи, никој не сака да гледа само проспекти, каталози и продукти. Со овие објави, не само што не градите лојални следачи, туку осигурувате да ве отследат и никогаш повторно да не се вратат кај вас. Најлесно е да ви речам дека треба да градите заедници на лојални следачи, но ова воопшто не е лесно да се изведе, особено со ограничени буџети. Би ве советувал да се обидете да ги поделите објавите во неколку категории: новости и вести од индустријата во која работите, интересни случки од вашата фирма, блог постови за како работите, интервјуа со вработени, понуди и производи за продажба. Мешајте ги објавите и обидете се да бидат 3 интересни објави, па една објава во која продавате.

Биди прецизен.

Во објавите кога продаваш или насочуваш ко продукт, биди искрен за твојот продукт и објасни му на читателот кои проблеми би ги решил доколку го има твојот продукт. Фокусирај се на „зошто“ би сакал да го купи и поврзи се на подлабоко, емотивно ниво со читателот. Реченици како „ние го имаме најдобриот продукт“ не функционираат. Не заборавајте да дадете барем малку повеќе информации за продуктот, не е доволно да пишете само „Прочитајте го нашиот каталог за ноември!“. Одговорот на таа објава секогаш ќе биде „Супер, немам време сега, ќе го ѕирнам после.“. Никогаш никој ништо не ѕирнал после.

Поттикнете ги вашите читатели да коментираат.

Не, не реков да пуштате објави со „Коментирај за Богородица“ или моите лично најомрезени објави „Лајк, комент и шер за да учествуваш во наградната игра“. Голем број македонци наседнуваат на овој тип објави и признавам дека наградните игри се исклучително ефективен начин на нашиот пазар да добиете многу следачи и голем број на интеракции за кратко време.

Тоа што не го разбираат многу маркетери е дека овој број на следачи трае многу кратко и не гради лојална публика. Поттикнете искрени интеракции и одговарајте им на коментарите на следачите. Разбирам дека нашиот интернет простор не ја сочинува најдобрата публика за ова, но морате да се обидете да допрете до нив и да ги придобиете. Лојален муштерија носи многу повеќе од човек што купува само еднаш.

Добриот текст сече директно низ какафонијата на секојдневни објави на социјалните мрежи. Научете ја добро вашата публика, бидете кратки и концизни во објавите и објавувајте почесто содржини кои им носат корист на вашите читатели. Никој не сака да му биде времето изгубено со уште една досадна објава за рандом „најдобар“ продукт.

Продолжи со читање

Кога е најдоброто време за објавување на социјалните мрежи?

Кога е најдоброто време за објавување на социјалните мрежи?

Двете вечни прашања на секој што води профили на социјалните медиуми се колку објави на ден и кога да ги објавам? Еве го дефинитивниот предлог за бројот и времето на објавување, на најпопуларните социјални мрежи во Македонија.