fbpx

Кога е најдоброто време за објавување на социјалните мрежи?

Двете вечни прашања на секој што води профили на социјалните медиуми се колку објави на ден и кога да ги објавам? Еве го дефинитивниот предлог за бројот и времето на објавување, на најпопуларните социјални мрежи во Македонија.

Двете вечни прашања на секој што води профили на социјалните медиуми се колку објави на ден и кога да ги објавам? Верувам дека имам поминато десетици часови во расправии и бескрајни дискусии за тоа кога е најдоброто време за објавување на Фејсбук страница или Твитер профил. Затоа, врз база на долго искуство еве го мојот дефинитивен предлог за бројот и времето на објавување, на најпопуларните социјални мрежи во Македонија.

Facebook

Facebook со неговите десетици промени на алгоритамот е вечен проблем за сите менаџери на социјални профили. Во основа, секоја ФБ страница си има сопствена аналитика базирана на самите следачи на страницата. Но, доколку публиката ви е доминантно од Македонија, идеални се два временски слотови: 9:00 часот наутро и после 20:00 часот навечер.

Минимум треба да имате една објава на ден, идеално две на ден, а максимум шест објави во еден ден.

Не заборавајте да ја проверите својата публика преку влегување во Insights на вашата страница > Posts > When Your Fans Are Online. Внимавајте, времињата што се објавени може да бидат по Пацифичко време (Сан Франциско, САД).

Instagram

Инстаграм мора да го поделиме на два дела, бидејќи има и обични (feed) објави и објави во Стори форматот. Кога станува збор за обичните објави, идеално е една објава на ден или една карусел објава (од 2 до 10 слики во една објава) на два дена. Најдобро време за објава е навечер после 21ч, но доколку не можете да објавувате тогаш, сторете го тоа во утринските часови.

Кога станува збор за стори форматот, тука работите треба да бидат далеку неформални и можете да го користите и за споделување на содржини од други профили или само за испишување на кратки пораки. Бидејќи објавите траат само 24 часа, не треба да губите премногу време во нивното создавање. Идеално да има повеќе од 3 објави на ден, но не повеќе од 8 во 24 часа. Објавувањето може да биде во било кое време од денот.

Twitter

Твитер е корисен за брзи објави, со мал обем на содржина, кои знаат да бидат хумористични, но не премногу за да си го оштетите брендот. Најдобрите времиња за објава се рано од сабајле (до 10 часот) и доцна навечер (после 21ч). Идеално е да имате околу 3 објави на ден, но не повеќе од 8 објави на ден.

LinkedIn

ЛинкедИн е малку покомплицирана мрежа за одредување на квантитетот, бидејќи има многу попрофесионална публика и захтева да имате многу поквалитетни објави. Имајте на ум дека ова е местото каде што можете да го најдете вашиот следен А+ вработен или следниот Б2Б клиент. Обидете се секој работен ден да имате по една објава рано наутро и уште една викенд објава. Има доста македонски фирми кои го користат ЛинкедИн, како дел од нивното работно време, па затоа не сакате да трошите квалитетни објави во викендот. Објави во недела обично поминуваат доста лошо. Доколку имате капацитет пробајте да имате до максимум 2 објави на ден.

Имајте на ум дека ова се извлечени просеци од долги години работење во оваа индустрија, но не значи дека ќе функционираат за вашата публика. Најдобро е да задржите редовна динамика на објавување и да ја навикнете вашата публика на вашите времиња за објава. Тестирајте што повеќе и за брзо ќе откриете што функционира, а што не.

Ви се допаѓа што читате? Имате нешто да додадете или да дискутирате?

Слободно пишете ни на нашите социјални мрежи или на hello@blink.mk.